Италијанскиот Палермо би можело да оди во стечај бидејќи обвинителството во главниот град на Сицилија отворило прелиминарна истрага поради финансиските долгови.

Палермо, за кој настапуваат двајцата македонски репрезентативци, Илија Несторовски и Александар Трајковски, сезоната во Серија А ја заврши во хаос, испадна од Лигата, си заминаа претседателот Маурицио Цампарини и спортскиот директор Никола Салерно, а сега и кредиторите поднеле жалба поради неисполнетите обврски на клубот.

„Розовите“ ги презеде Пол Бачалјини, но проблемите останаа бидејќи Палермо им должи на менаџерите и на советниците, како и на државата, повеќе од 120 милиони евра.

Локалните медиуми пишуваат дека истрагата е во тек и дека не се очекува дека брзо би можело да следува банкрот, но дека сосема е реален, посебно што приходите нема да бидат како кога се игра во Серија А.

Клубот може да се спаси со негова брза продажба, веќе се водат разговори во Лондон, а загрижува тоа што Палермо сè уште не ги исполнил условите да се натпреварува и во Серија Б.



Автор: Администратор
Објавено на: 10/06/2017 08:18