Фудбалскиот клуб Ливерпул му се извини на Саутемптон, ривалот од Премиер лигата, поради наводите во врска со заинтересираноста за Вирџил ван Дајк.

Англиските медиуми пренесоа дека „црвените“ се договориле со дефанзивниот играч без знаење на „светците“, коишто најавија тужба.

„Жалиме поради медиумските шпекулации за наводниот трансфер. Им се извинуваме на сопственикот, на управата, на директорите и на навивачите на Саутемптон поради недоразбирањето. Го почитуваме ставот на Саутемптон и потврдуваме дека се откажавме од интересот за играчот“, се наведува во соопштението на Ливерпул.

Ван Дајк пред неколку дена за Би-би-си изјави дека сака да направи трансфер во Ливерпул, откако медиумите пренесоа дека тој е приоритет на Јирген Клоп, менаџерот на „црвените“.

Се шпекулираше за трансфер вреден 50 милиони фунти. Саутемптон го доведе Ван Дајк во 2015 година од Селтик за 13 милиони, а за Холанѓанецот интерес наводно покажуваат уште Челзи и Манчестер сити.

Ван Дајк ги пропушти последните пет месеци во сезоната на Премиер лигата поради повреда.



Автор: Администратор
Објавено на: 10/06/2017 08:24