Диего Коста, напаѓачот на Челзи, изјави дека Антонио Конте, менаџерот на тимот, му рекол дека веќе не е во неговите планови.
Шпанецот постигна 20 голови на 35 натпревари и беше еден од најзаслужните за титулата на „сините“ во Премиер лигата.
Изминатите месеци често се шпекулираше дека Коста ќе го напушти „Стемфорд бриџ“ поради понуда од Кина, но Шпанецот изјави дека не е тоа причината, туку Конте.
„Јас сум играч на Челзи, но не ме сакаат овде. Конте преку порака ми кажа дека не сум веќе во плановите на Челзи. Ми рече дека не смета на мене за следната сезона. Мојот однос со тренерот беше лош изминатата сезона. Штета, веќе им испратив порака на луѓето од клубот коишто одлучуваат. Ќе најдам тим“, изјави Коста.
Челзи во 2014 година го плати Коста 32 милиони фунти на Атлетико Мадрид, а тој во текот на трите сезони постигна 58 голови на 119 настапи за „сините“. Најави дека може да се врати кај „јорганџиите“ иако им се забранети трансферите до јануари 2018 година.
„Пет месеци без играње? Не знам, комплицирано е, но луѓето знаат дека многу го сакам Атлетико и дека сакам да живеам во Мадрид.
Би било убаво да се вратам, но тешко е 4-5 месеци да се биде без фудбал. Следната година е Светското првенство, морам да мислам и на тоа. Морам да играм“, изјави 28-годишниот напаѓач роден во Бразил.
Коста во јануари беше изоставен од натпреварот против Лестер поради наводен судир со кондицискиот тренер, кога и се засилија шпекулациите дека од кинескиот Тијанџин Чванџијан му нуделе 30 милиони евра годишно, но Челзи тогаш изјави дека нема намера да го продаде.
Во меѓувреме, Кинезите донесоа низа правила за странските фудбалери во Суперлигата, па следната сезона ќе може да имаат само тројца, наместо четворица, а ќе мора и да платат данок сто отсто на трансфери од странство.