Беневенто се пласира во Серија А откако го победи Карпи во реванш-натпреварот од доигрувањето со резултат 1-0, со голот на Романецот Георге Пушкаш во 32-рата минута, а првиот натпревар беше завршен без голови.
Беневенто, кој е основан во 1929 година, за прв пат во историјата се пласира во Серија А. Популарните „вештерки“ со тоа испишаа нова страница на историјата.
За Беневенто настапува и еден Македонец, Никола Јакимовски, кој ќе ја зголеми македонската колонија во Серија А. Јакимовски игра во средниот ред и сезонава настапи на десет натпревари за новиот прволигаш и постигна еден гол.
Беневенто ја искористи шансата, а на едно коло пред крајот можеше да остане без плејофот, бидејќи според правилата на Серија Б, доколку третопласираната екипа има десет бодови повеќе од четвртопласираната, тимот оди директно во Серија А. Меѓутоа, Беневенто и Перуџа триумфираа во последното коло и разликата меѓу третиот и четвртиот беше девет бода, па се отиде во плејофот.
Карпи ги победи Читадела и Фрозиноне во полуфиналето, Беневенто триумфираше против Специја и Перуџа во другото полуфинале, па Карпи и Беневенто играа два натпревара, во првиот немаше голови, а во вториот одлучувачкиот гол го постигна Романецот Георге Пушкаш.
Покрај Беневенто, пласман во Серија А во лигашкиот дел од сезоната изборија Спал и Верона.