Поминаа 10-ина дена од формирањето на владата на СДСМ. Тоа е кратко време, но сосема доволно за првите впечатоци. Да се види како и колку работат, кои им се намерите. Затоа, добро е да се направи анализа на првите денови и првите чекори, затоа што тоа ги навестува следните потези. Kако во шахот, според првите 2-3 потези се гледа генералната намера и главните рамки. Одиме по ред.
Прво, новата влада нема намера премногу да работи. Беше избрана во средата навечер, помеѓу 31.5 и првиот ден на јуни. Утредента премиерот и министрите отидоа на првото кафе, на примопредавање на функциите. И, толку.
Првиот ден, во четвртокот, беа неколку часа на работа, ги виделе канцелариите, ги добиле клучевите, ги добиле службените автомобили и си отишле дома. Толку од реформите.
Вториот ден, во петокот, беше државен празник, па тоа беше доволен повод да се замине на продолжен викенд. Нема потреба од набиена агенда, плус времето е убаво и сончево. Зошто да бидат во канцеларии и да работат до доцна?
Третиот и четвртиот ден беа сабота и недела. Викенд е, па не чувствуваа потреба да одат на работа. За првенците на СДСМ не е некоја навика, ниту императив да се работи во викендите.
За разлика од нив, Никола Груевски држеше седници на владата до 4 сабајле во викендите, со 150 точки на дневен ред. Многупати имаше денови кога работеше по 16 - 17 часа дневно. И преку работната седмица и за време на викендите. А, денес? Премиерот Заев и неговите министри буквално од првиот ден не работат и ги ставаат работите во лер. Нема глад за работа, нема пожртвуваност, нема фрлање себеси во проблемите и работа со полна пареа, во петта брзина.
Второ, првите 10-ина дена покажуваат дека новата влада, едноставно, не знае што треба да се прави. Нема компас, нема концепт, нема предлози и проекти. Буквално ниту една иницијатива, со исклучок на менување една железна ограда и укинување на екстерното тестирање, со кое прават генерациска штета врз образовниот систем.
Нема подготвени законски решенија, нема долги седници на владата, нема проекти што ќе тргнат од првиот ден. Следниве недели ќе се пимпла и ќе се симулира ангажираност, но сето тоа е јалово, неуверливо и килаво.
Трето, се гледа дека од првиот ден функционираат уцените на ДУИ и „Алијансата на Албанците“, а Зоран Заев не е премиер во полн капацитет. Не е премиер во вистинска смисла на зборот, како што своевремено беа Црвенковски, Георгиевски, Бучковски или Груевски.
Заев во својата незавидна позиција потсетува на Хари Kостов, кој номинално беше премиер, но реално ја немаше политичката тежина.
Заев е засенет од факторите од кои зависи неговата влада и неговото тесно, тенко парламентарно мнозинство.
Веќе се одржани две владини седници, а веќе ги нема политичките именувања на еден куп институции кои се под надлежност на Владата. Јасно е дека се работи за коалициони преговори, условувања и уцени.
Владата и премиерот се ранливи, со многу слабо мнозинство, без легитимитет и поддршка од граѓаните. Затоа коалиционите ребуси и сапуници се секојдневни. Затоа било кои преговори, било кој ден, можат да доведат до владина криза и немање на парламентарно мнозинство. Но, самите го избраа тој пат и самите се нафатиле на целиот овој аранжман.
По утрото денот се познава, а по првите 10-ина дена се познава и (не)функционирањето на владата на СДСМ. Од првите денови се гледа дека ќе нема многу работа, ниту нови проекти, но ќе има еден куп коалициони пазарења.
Народот и државата од тоа нема да имаат корист, туку секојдневна штета. Следниве недели и месеци тоа уште повеќе ќе го гледаме.