Хулен Лопетеги селекторот на фудбалската репрезентација на Шпанија, смета дека мечот против Македонија ќе биде тежок испит за неговиот тим бидејќи Македонците одиграле низа на средби кои несреќно не успеале да освојат полн плен.
– Очекуваме поинаков натпревар од оној кој го игравме во Гранада. Противникот сигурно ќе нападне, Македонците играат неколку одлични натпревари, можеа да ја победат Италија на пример. Но, ние сме фокусирани на нашата игра, знаејќи дека противникот е спремен да го одигра најдоброто. Сметам дека трите бода од мечот можат да бидат одлучувачки. Но, не се залажувам, мислам дека Македонија ќе не принуди на нашето најдобри издание. Мислам дека никој не треба да мисли на Мундијалот, туку само на натпреварот против Македонија, изјави Лопетеги на средбата со новинарите.
Лопетеги, кој на кормилото на Шпанија го замени Винсент дел Боске нема пораз во официјален натпревар, а во генералната проба пред мечот со Македонија, неговата селекција одигра 2-2 против Колумбија во Мурсија.
Досега Македонија и Шпанија одиграле шест натпревари, а сите завршија со победа на „фуријата“. Последниот се одигра на 12 октомври минатата година во Гранада каде Шпанците славеа со 4:0.