Шалке го отпушти тренерот Маркус Вајцирл и на негово место го именува Италијанецот Доменико Тедеско, а Баер Леверкузен за нов тренер го назначи Хајко Херлих.

Триесет и едногодишниот Тедеско потпиша двегодишен договор и досега ги предводеше младите селекции на Штутгарт и на Хофенхајн, а пред да дојде во Шалке беше тренер на второлигашот Ауе.

Шалке минатата сезона ја заврши на десеттото место во Бундеслигата.

И Херлих потпиша двегодишен договор со Баер Леверкузен, а дојде од Јан Регенсбург кој од четвртата го доведе до Втората германска бундеслига.

„Благодарен сум на управата на клубот на довербата. Ќе направам сè да ја оправдам“, изјави четириесет и петгодишниот Херлих.

Тој го замени Тајфун Коркут со кого клубот не го продолжи договорот по разочарувачката сезона во која екипата не успеа да се избори за пласман во Европа и стравуваше за опстанок до крајот на првенството. Коркут во март ја презема екипата од Роџер Шмит, а Херлих пред Јан Регенсбург беше тренер на Бохум и Унтерхахинг.



Автор: Администратор
Објавено на: 12/06/2017 19:36