Сениорската машка репрезентација на Македонија со победата над Чешка од 33-20 во последното коло од квалификациите, обезбеди пласман на ЕП 2018 во Хрватска како првопласирана во квалификациската група. Тој пласман на најдобрата позиција во групата, на избраниците на Раул Гонзалез им носи висока позиција во вториот шешир пред извлекувањето на групите на ЕП 2018 што ќе се одржи во петок од 19:00 часот во Загреб.
На Европското Првенство во Хрватска што ќе се игра во јануари 2018 година, ќе настапат вкупно 16 репрезентации поделени во четири групи, чии домаќини ќе бидат четири различни градови – Загреб, Сплит, Пореч и Вараждин. Домаќинот веќе потврди дека групата А во која ќе настапи Хрватска ќе се игра во Сплит, групата Б на Норвешка ќе се игра во Пореч, во групата Ц во Загреб ќе игра Словенија, додека домаќин на Д групата во која ќе настапи Унгарија ќе биде Вараждин.
Со самото ова е јасно дека ждребувањето ќе биде полудиригирано, така што овие четири репрезентации ќе бидат поделени во четири различни групи. Македонија како дел од вториот шешир, нема да може да се падне во иста група со Данска, Белорусија и Шведска.
Шешир 1: Германија, Шпанија, Хрватска, Франција Шешир 2: Данска, Белорусија, Шведска, МАКЕДОНИЈА Шешир 3: Норвешка, Србија, Црна Гора, Чешка Шешир 4: Унгарија, Словенија, Австрија, Исланд
Инаку, Европското Првенство во Хрватска ќе се игра во периодот од 12 до 28 јануари 2018 година. Според системот на натпреварување, првопласираните три селекции од секоја група ќе се пласираат во втората фаза во коа ќе креираат две групи. По завршувањето на втората групна фаза, следува елиминациски дел по кој ќе се одреди и конечниот пласман на репрезентациите на континенталниот собир. Најдобропласираните осум екипи на Првенството ќе одиграат последен меч за конечен пласман, додека пласманот на останатите репрезентаци ќе се одреди според освоените бодови во групите во кои настапувале.
За Македонија ова претставува петто Европско Првенство по настапите во Италија во 1998, Србија 2012, Данска 2014 и Полска 2016.