Младата репрезентација на Шпанија со победата над Португалија од 3-1 во натпреварот од второто коло во Групата Б обезбеди пласман во полуфиналето на Европското првенство во Полска.
„Фуријата“ по победата над Македонија на стартот од групната фаза одигра уште еден добар натпревар.
Водството го донесе фудбалерот на Атлетико Мадрид Саул Нуњез во 21-ата минута, а предноста ја удвои напаѓачот на Малага Сандро Рамирез во 65-тата минута.
Португалците намалија преку Брума во 77-ата минута, меѓутоа во судиското продолжување на времето играчот на Атлетик Билбао Инијаки Вилијамс ги постави конечните 3-1.
Португалија остана на три бода и во последното коло игра со Македонија, а младата „фурија“ генералната проба за полуфиналето ќе ја има против Србија.
Македонија, Португалија и Србија имаат теоретски шанси да бидат најдобри второпласирани екипи, но не зависат само од своите резултати. Развршницата ќе се дознае денес кога на програмата се натпреварите од Групата Ц.
Доколку Италија ја победи Чешка, а Германија Данска, двете селекции ќе имаат по шест бодови и пред дербито во последното коло ќе бидат во најдобра ситуација.
Моментно по три бода на табелата на најдобро второ пласирани репрезентации имаат Италија, Словачка и Португалија.