Претседателот на Реал Мадрид, Флорентино Перес, изјави дека планира да ја задржи првата ѕвезда Кристијано Роналдо, освен во случај некој клуб да ја активира откупната клаузула од милијарда евра и да го одведе Португалецот.
Роналдо изрази незадоволство што шпанските обвинители го товарат дека затаил данок во износ од 14,7 милиони евра и сака да го напушти Реал по девет години.
„Сè уште не сме разговарале, но тоа ќе го сториме следниве денови. Роналдо има излезна клаузула од милијарда евра и доколку никој не ја активира тој останува во Мадрид“ - изјавил Перес за Онда Серо.
Првиот човек на Реал застанал во одбрана на најдобриот фудбалер на светот, истакнувајќи дека Роналдо секогаш ги почитува законите и прописите.
„Сè е многу чудно, Кристијано е добро момче и како професионалец и како личност. Луѓето зборуваат дека е деликвент и тоа најмногу ме погодува. Не го познавам добро неговиот случај, но можам да кажам дека немам трошка сомнеж дали Кристијано ги почитувал обврските“ - заклучил Перес.
Роналдо е под обвинение дека на Девствените острови ги криел приходите од правата на имиџ, кое што тој го демантираше.
Португалецот поради настанатата ситуација веќе го извести тренерот Зинедин Зидан дека има намера да ги напушти редовите на шампионот на Европа и Шпанија, по што сè повеќе се споменува неговото враќање во Манчестер јунајтед.