Селекторот на македонската фудбалска репрезентација за играчи до 21 година Благоја Милевски рече дека ќе се обиде на вечерашниот дуел против Португалија да им овозможи настап на што поголем број играчи.

– Како селектор на Македонија на ова за нас прво, историско Европско првенство, но и како личност, чувствувам потреба и имам должност да ги испочитувам нашите херои кои во изминатите речиси три години дадоа придонес и безусловно се вложуваа во остварувањето на најголемиот резултат за македонскиот фудбал. Во зависност од потребите на тимот на натпреварот вечерва против Португалија ќе се обидеме на сите да им дадеме шанса за настап на ова Европско првенство.

Дуелот со Португалија за „црвено-жолтите“ нема судбоносно значење, но сепак е многу важен од аспект на градење на рејтингот на репрезентацијата и негово подобрување.

– Вечерва ќе се трудиме уште еднаш да покажеме, како и на претходните два натпревари дека излегуваме на терен со цел – да играме фудбал, да се надигруваме и да направиме се што е во наша моќ за да победиме. Дали ќе успееме во тоа ќе видиме по завршувањето на пресметката, изјави Милевски за официјалниот сајт на ФФМ.

Натпреварот Македонија – Португалија ќе се игра во Гдиња, вечерва од 20 часот и 45 минути.



Автор: Администратор
Објавено на: 23/06/2017 17:23