Претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов, вечерва во Белград присуствуваше на свечениот прием по повод инаугурацијата на претседателот на Република Србија, Александар Вучиќ, соопшти Кабинетот на претседателот на Република Македонија.
На свечената церемонија што се одржа во „Палата Србија“, присуствуваа претседателите на Република Словенија, Република Хрватска, Црна Гора, членовите на Претседателството на Босна и Херцеговина, како и премиери, министри и претставници на дипломатскиот кор од регионот, Европа и светот.
На инаугурацијата на новиот српски претседател, на која беа поканети околу пет илјади гости, присуствуваа и еврокомесарот за проширување на ЕУ, Јоханес Хан, заменик-помошникот на државниот секретар за Европа и Евроазија во Стејт департментот, Хојт Ји, премиерите на Унгарија и Република Австрија, заменик-претседателот на кинеското Собрание, како и претстолонаследникот на Обединети Арапски Емирати, шеик Мухамед Бин Зајед.
Претседателот Иванов утре ќе оствари билатерална средба со српскиот претседател, Александар Вучиќ.