Македонскиот кандидат за Оскар, филмот „Ослободување на Скопје” на Раде и Данило Шербеџија се прикажа на филмскиот фестивал во Шангај во рамките на програмата „Панорама”.
Фестивалот е од А категорија и еден од најголемите и најзначајните на Азискиот континент.
Филмот „Ослободување на Скопје“ имаше три проекции, а на шангајската публика им го претстави македонскиот продуцент Роберт Насков.
Ова е второ прикажување на филмот во Азија после учеството на фестивалот во Пекинг. Досега филмот се прикажа на повеќе од дваесет интернационални фестивали насекаде во светот како што се фестивалите во Палм Спрингс, Кливленд, Монтевидео, Уругвај, Братислава, Москва, Хелсинки, Торонто, Сараево, Фест во Белград, Пула, Тибурон...
Филмот е македонско-хрватско-финска копродукција во која главните улоги ги толкуваат Давид Тодосовски, Силвија Стојановска, Луција Шербеџија, Мико Ноусаинен, Раде Шербрџија и Петар Мирчевски. Финансиски е подржан од Еуримаж и Агенцијата за филм на Македонија.