Македонската филхармонија оддржа фантастична изведба во рамки на манифестацијата „Види музика, слушни слика, добиј книга“
Мултимедијалниот перформанс кој го изведоа во Градскиот парк беше посветен на една од најдобрите музички групи на сите времиња - „Пинк Флојд“! Љубителите на музиката на магичниот англиски бенд имаа можност да ги слушнат најдобрите композиции од неговото богато и влијателно творештво, аранжирани за симфониски оркестар.
Скопјани беа сведоци и уживаа во легендарните: „Shine On You Crazy Diamond“, „Money“, „Us and Them“, „Another Brick in The Wall“, „Wish You Were Here“, „Speak To Me“, „Breathe“, „On The Run“... Диригент на концертот беше Џијан Емин, а како главен вокалист и гитарист настапи Ади Имери.
Оркестарот на Македонската филхармонија беше збогатен и со настап на бенд во состав: Александар Поп Христов на електрична гитара, Иван Бејков на електричен бас, Мартин Вучиќ на тапани, Благоја Перуновски на синтисајзер.
„Пинк Флојд“ својата неизмерно плодна кариера полна со иновации ја започнаа во 1964 година во Кембриџ, а нивните психоделични, прогресивни звучни творби проткаени со филозофска лирика силно влијаеа врз развојот на на целокупната музичка сцена во светот.
Акустично-електричниот звучен проект и годинава беше збогатен со ликовен перформан каде што на големи платна инспирирани од вечната музика на „Пинк Флојд“ сликаа ликовните уметници Јулијана Гешовска и Илија Спасовски-Чендо.
Љубителите на пишаниот збор пак, бесплатно добија примерок од книгата „За одењето по мраз“ од култниот германски режисер и сценарист Вернер Херцог.