Флорентино Перес, претседателот на Реал Мадрид, изјави дека клубот ова лето нема да го доведе Килијан Мбапе, 18-годишниот напаѓач на Монако.

Како што наведе, за младиот фудбалер едноставно нема место во тимот на тренерот Зинедин Зидан.

„Мбапе е одличен и многу млад играч. Сакам такви играчи, но тимот се состои од 24 фудбалери. На теренот се само 11. Имаше многу играчи кои не можеа да најдат место во Реал. Сега го имаме најдобриот тим на светот и тоа го докажавме минатата сезона. Неколку години го гледаме Мбапе, но ако го купиме, тогаш кој да го напушти Реал?“, изјави Перес, кој претходно се сретнал со семејството на Мбапе.

Младиот Французин во сезоната 2016/17 постигна 26 гола во 44 натпревари во сите натпреварувања.

Првиот човек на „кралевите“ ги демантираше информациите дека клубот е во преговори со Манчестер јунајтед околу продажбата на напаѓачот Алваро Мората.

Англискиот гигант, наводно, понудил 70 милиони евра, додека Реал бара меѓу 80 и 90 милиони.

„Не сме во преговори со Јунајтед. И не е вистина дека клубовите постигнале договор. Сè уште не завршил јуни и има многу време до 31-ви август. Ние ќе ја донесеме најдобрата одлука, но првобитно Реал не е клуб кој продава играчи“, изјави Перес.

Претседателот на шампионот на Европа и на Шпанија изјави дека е сигурен и дека навредениот Кистијано Роналдо ќе остане во клубот.



Автор: Администратор
Објавено на: 28/06/2017 19:16