Владата на Република Македонија најде решение и за проблемот со државното претпријатие 11 Октомври Еурокопмозит, чиишто вработени штрајкуваат поради неисплатени плати. Овластен е вицепремиерот за економски прашања и координација со економските ресори, Кочо Анѓушев, во име на Владата да потпише спогодба помеѓу раководството на Еурокомпозит и претставниците на градскиот синдикат СЕИР, со којашто секоја од страните ќе биде должна да го реализира својот дел од преземените обврски и претпријатието ќе продолжи со работа, а вработените ќе можат да земат плата.
Владата на седницата донесе одлуки со коишто се помага сметката на претпријатието Македонски железници АД Скопје да не биде блокирана, за да не останат вработените без плати, поради направените големи долгови на ова претпријатие кон АД ЕЛЕМ и АД МЕПСО и заканата од присилно извршување. Донесена е одлука да се препорача претпријатието преку одделни средби со двете компании заеднички да ја утврди целата состојба на должничко доверителските односи и да се пристапи кон изнаоѓање спогодбено решение, како и за тоа веднаш да ја известат Владата.
Одлучено е, како што е наведено во соопштението, да се препорача на АД МЕПСО да донесе одлука за повлекување на предлогот за присилно извршување на паричното побарување против МЖ Транспорт АД Скопје и за тоа МЕПСО веднаш да ја информира Владата.