Репрезентацијата на Германија до 21 година го освои младинското Европско првенство во Полска по минималната победа над Шпанија во финалето.

Шпанија до финалето дојде со максимални четири победи и во натпреварот влезе како фаворит, меѓутоа младите Германци го почнаа мечот агресивно и во првото полувреме беа изразито доминантни.

Веќе во осмата минута Макс Мајер го погоди дирекот со удар со глава, а во продолжение направија уште неколку убави шанси.

Моментот кој го реши натпреварот се случи во 40-тата минута – Шпанците лошо реагираа по еден центаршут и Мичел Визер со глава ја прати топката во мрежата на Шпанците.

Во вториот дел младата „фурија“ ја презема иницијативата и ја имаше топката во свој посед, но не успеа да ја пробие одбраната на дисциплинираните Германци и да создаде сериозна шанса.

До крајот остана 1-0 и младите „панцери“ стигнаа до својата втора титула во оваа возраст, прва од 2009 година. Од друга страна

Шпанците останаа на четири трофеи и не успеаја да се израмнат со Италија која има пет.

За најдобар играч на турнирот беше избран фудбалерот од средината на теренот на Бетис, Дани Себалос кој брилираше на турнирот и беше главен играч на Шпанија.

Еден од фудбалерите кој го обележи првенство беше Саул Нигез кој постигна пет голови, од кои три во полуфиналето против Италија и како најдобар стрелец ја доби „златната копачка“. Втор стрелец е исто така репрезентативец на Шпанија, Марко Асенсио со три гола.



Автор: Администратор
Објавено на: 01/07/2017 17:29