Денеска почина д-р Тодор Пеливанов, долгогодишен редовен професор на Правниот факултет „Јустинијан Први“ – Скопје при Универзитетот „Св Кирил и Методиј“ во Скопје.
– Проф.д-р Тодор Пеливанов го познаваат генерации студенти на правните, политичките и студиите по новинарство на Правниот факултет „Јустинијан Први“ во Скопје. Тој беше припадник на првите генерации професори кои ги удрија темелите на правната теорија во Република Македонија. Неговите трудови, учебници и предавања се во областа на воведните и теоретските правни науки, оној дел од студиите кој игра значајна улога во градењето на интелектуализмот кај правникот, новинарот и политикологот. Беше истакнат спортист и пасиониран шахист, наведува во ин мемориум Правниот факултет.
Професор Пеливанов беше и политички активен и по осамостојувањето на Македонија. Колективот на Правниот факултет „Јустинијан Први“ во Скопје ќе го памети како добар колега, хуманист и праведен професор со високи критериуми.
Посмртните останки на проф. д-р Тодор Пеливанов ќе бидат изложени во капелата на Градските гробишта во Бутел утре од 12:30 до 13:30 часот.