Фудбалерите на Работнички ја минаа првата квалификациска рунда за Лига Европа со убедлива победа од 6:0 на домашен терен против Тре Пене.

Работнички не дозволи изненадување во двомечот со Тре Пене од Сан Марино. Популарните „романтичари“ за разлика од првиот меч на гостински терен кога славеа со 1-0, денеска беа поубедливи. На средбата одиграна попладнево во Скопје, Работнички го победи Тре Пене со 6-0 . Серијата на голови ја отвори Суад Сахити (28.минута), по што следуваа два на Бојан Најденов (43 и 59). Кире Маркоски (71) зголеми на 4-0, а за само две минути (82 и 83) Стојанче Велинов постигна два гола, поставувајќи ги конечните 6-0 за Работнички.

Во второто коло, Работнички ќе се сретне против тимот на Динамо Минск од Белорусија кој иако два пати го совлада аутсајдерот Рунавик од Фарски Острови, сепак не остави впечаток на добра игра бидејќи во првиот натпревар на гостински терен победи со 2:0 додека во реваншот го совлада со еден гол разлика односно со 2:1.



Автор: Администратор
Објавено на: 06/07/2017 23:10