„Спајдермен: Враќање дома“ најновиот филм со еден од Марвеловите јунаци, на чии визуелни ефекти работеше македонската компанија за анимација и визуелни ефекти ФХ3Х, од вчера почна да се прикажува во Скопје.

Кристијан Даниловски, ко-сопственик и основач на ФХ3Х, истакна дека на овој проект работеле од јануари до мај годинава, со тим од околу 70 артисти.

– Марвеловите филмови ни се особено драги проекти, бидејќи сме фанови како компанија, но сепак моментот кога ќе си го видиме името на одјавната шпица, како што е на пример последниот проект, Трансформери: Последниот Витез, кој имаше премиера минатата недела, е токму тој момент, непроценлив, радост за целиот тим, причина да се гордееме со тоа до каде сме стигнале, изјави Даниловски.

„Спајдермен се враќа дома“ е американски филм за супер херој базиран врз карактер од Марвеловите стрипови, 16-ти филм во низата Марвелови суперхерои и втора екранизација на главниот лик. Режисер е Џон Уатс, а главните улоги ги толкуваат: Том Холанд, Мајкл Китон, Џон Февре, Доналд Гловер, Зендаја, Мариса Томеј и Роберт Дауни Џуниор.

Премиерата на „Спајдермен се враќа дома“ се одржа во Холивуд на 28 јуни. Светската проекција ќе почне утре, ден по скопската премиера, која ќе се случи вечер во градското Кино Милениум.

Критиката филмот го оцени за многу позитивен, а високи оценки за актерската игра доби и актерот Холанд, кој се појавува во насловната улога. Продолжението на Спајдермен веќе е закажано за 5 јули 2019 година.



Автор: Администратор
Објавено на: 07/07/2017 09:29