Скопското Јавно обвинителство по спроведување детална и сеопфатна истражна постапка и утврдување на фактите во предметот за кривично правниот настан во Тутунска Банка денеска до скопскиот Кривичен суд поднесело обвиненија со кои се опфатени осум лица, заедно со предлог мерки за обезбедување присуство.
- Обвинителството утврди дека во периодот од 31.03.2017 година до 08.04.2017 година, првите четворица обвинети опфатени во Обвинителниот акт, со умисла и во повеќе временски поврзани дејствија, искористувајќи ја својата работна позиција и познавање на процесите на работата во банката, противправно присвоиле парични средства во значителен износ од 400.000 швајцарски франци и 375.000 евра. На 10.04 2017 била извршена кражба и на 2.000.000 швајцарски франци и 270.000 евра, се наведува во денешното соопштение од Јавното обвинителство.
Надлежниот обвинител до судот, како што се посочува, доставил Обвинителен акт против првите четворица, од кои за тројца и предлог за продолжување на мерката – притвор, а за едно лице во сила се веќе определени мерки на претпазливост.
- Првообвинетиот се гони за сторени кривични дела – Затајување од член 239 став 5 во врска со став 3 и 1 и во врска со член 45 што значи дека делото е сторено повеќе пати во низа како повеќекратно остварување на истото дело , како и за сторено кривично дело – Тешка кражба од член 236 став 3 од Кривичниот законик. Второто лице се товари за истите кривични дела – Затајување и Тешка кражба, но во врска со член 24 од Кривичниот законик, односно за помагање. Третиот обвинет со Обвинителниот акт се товари за кривичното дело – Тешка кражба со помагање, додека пак четвртото лице е обвинето за кривичното дело – Затајување во врска со член 22 од Кривичниот законик, односно за соизвршителство, велат од Обвинителството.
Оттаму појаснуваат дека за кривичното дело – Тешка кражба од член 236 став 3, што се однесува на предмети во вредност од големи размери, пропишана е затворска казна од 3 месеци до 10 години. За кривичното дело од член 239 став 5 – Затајување, законикот пропишува затворска казна од една до 10 години.
- Надлежниот обвинител кој постапува во предметот денеска до судот достави и Обвинителен предлог против останатите четворица, на кои како одговорни лица во банката врз основа на општ акт, со посебно овластување им биле доверени определен круг на работи, несовесно постапиле во вршењето на своите овластувања и должности и со тоа го овозможиле противправното присвојување на паричните средства во горенаведениот износ. Две лица сториле кривично дело – Несовесно работење во службата од член 353 став 5 во врска со член 45 од Кривичниот законик, што предвидува вршење кривично дело од продолжен вид, додека другите двајца се товарат за истото кривично дело – Несовесно работење во службата, но за негово еднократно сторување. За едно од лицата опфатени со Обвинителниот предлог, определените мерки на претпазливост остануваат во сила, стои во соопштението.
Согласно Кривичниот законик, како што истакнуваат од Обвинителството, предвидена казна за ова кривично дело е затвор од 6 месеци до три години, како и задолжително изрекување и на парична казна за сторителите.
- Во текот на досегашната постапка, по предлог на надлежниот обвинител беа од судот определени мерките – Забрана на финансиски трансакции од член 200 став 7 и 8 во врска со став 1 од Кривичниот законик кои исто така остануваат во сила. Со поднесување на обвиненијата, обвинителството достави и Посебен предлог за привремено одземање на имот заради обезбедување против едно лице опфатено со Обвинителниот акт. Предлогот се однесува на забрана за отуѓување, ставање хипотека и на друг начин располагање со недвижен имот кој обвинителството детално го наведе во обвинението, како и забрана за располагање со подвижни предмети во сопственост на обвинетото лице, се наведува во соопштението од Јавното обвинителство.