На Рудина кај Долнени синоќа се одржа првата натпреварувачка вечер во рамките на 43. Фестивал на народни инструменти и песни „Пеце Атанасовски“, каде свечено беше отворен и новиот амфитеатар. На отворањето присуствуваа советникот во министерството за култура Петрит Сарачини, градоначалникот на Долнени Боше Милошески и претседателот на Собранието на фестивалот Илчо Јованов.

Според градоначалникот на Долнени општината со помош на Пелагонискиот плански регион го уредила просторот и конечно Фестивалот, како што рече, добива многу подостојни услови за одржување.

– Општината останува со силната подршка за Фестивалот. Во иднина може уште повеќе да се работи на подобрување на условите за неговото одржување зашто изворниот мелос и традицијата со векови се тие што не одржуваат како народ со свои обичајни карактеристики, а тоа Фестивалот несебично со децении го прави, рече Милошески.

Според Сарачини, Министерството за култура ја засилува поддршката на Фестивалот и она за што тој се залага – зачувувањето, негувањето на изворните инструменти и песни.

– Овој Фестивал живее, пред се, поради сите ентузијасти и изведувачи, возрасни, но и млади, на изворните инструменти и песни. Радува фактот што има млади генерации кои се подготвени да го прифатат предизвикот, имаат „големи чевли“ кои треба да ги пополнат, зашто работата која ја правеле генерации, важни творци во македонската народна музика е голем предизвик, особено да се оди по тие стапки. Желба е и ќе биде голема заложба на Министерствтото за култура оваа манифестација од година во година да расте и да го добие оној третман кој го заслужува. Како Министерство застануваме сериозно со намера оваа манифестација да помогнеме да стане еден културен систем низ кој ќе може народната музика да го добие своето засужено место во целокупниот македонски културен систем, рече Сарачини.

На Рудина синоќа настапија половината од околу 350 изведувачи на народни инструменти и песни. Настапија изведувачи и пејачки групи од Кочани, Пробиштип, Истибање, од Битола, Куманово, од Демир Хисар, а за прв пат настапи и влашка пејачка група од Скопје.

Настапија и учесниците на Семинарот за изучување на народни инструменти и песни кој како дел од Фестивалот се одржува трета година по ред.

Денеска на Рудина е вториот натпреварувачки ден по што стручното жири од етномузиколози ќе ги додели Гран при наградата за најдобрите изведувачи и гајдата на Пеце Атанасовски што ја обезбедува оипштината Долнени.



Автор: Администратор
Објавено на: 09/07/2017 19:47