Со хитовите на Елена Велеска, Анабела и легендарниот Харис Џиновиќ, синоќа на третата вечер од Пиво фест, Прилеп уште еднаш докажа дека е центарот на забавата во Македонија.

Одличната атмосфера доживеа вистинска кулминација, градот беше претесен да ги прими сите посетители кои ги имаше од целата држава. Многу ладно пиво, највкусната скара на Балканот и неповторливо дожививање, вака накратко може да се опише она што се случуваше на 15-тото издание на најголемиот спектакл во држава. Прилеп повторно докажа дека со право го носи епитетот за најфестивалски град во Македонија.

Вечерта ја отвори прилепчанката Елена Велеска која потенцираше дека иако многу градови се обиделе да направат Пиво фестивали прилепчании сепак останале најдобрите, а овој фестивал бил најмасовниот и пример за тоа како се организира една ваква манифестација.

„Најубаво е кога си дома, бидејќи каде и да си на друго место ти си само гостин. Така што во Прилеп ми е многу пријатно кога настапувам бидејќи тука е мојот корен, тука пораснав и навистина ми е многу мило што можев да се дружам со моите сограѓани и сите оние кои пристигнаа тука од цела Македонија. Исто така многу ми е мило што овој фестивал прерасна во голема традиција и јас велам дека иако многу градови се обидоа да направат Пиво фестивали прилепчани сепак останаа најдобрите, а овој фестивал е најмасовниот и пример за сите“, истакна Елена Велеска, пејачка.

По Елена Велеска сцената ја „запалија“ Анабела со своите две придужнички и ја крена целата публика на нозе.

„Мило ми е што сум дел од Пиво фестивалот, а особено што сум гостин на 15-тото јубилејно издание на оваа манифестација. Прилеп го паметам по добрите забави, тука сум многу често и ова е една од најдобрите публики за мене. Исто така многу сум среќна што публиката ги знае сите мои песни и ги пее во еден глас заедно со мене. Сега најново снимив еден дует каде пејам на македонски и многу се радувам на тоа“, истакна музичката ѕвезда Анабела.

Џиновиќ кој по втор пат е гостин на Пиво фест во Прилеп рече дека ова е еден од најдобрите фестивали на пиво на просторите на поранешна Југославија.

„По втор пат учествувам на Пиво фест во Прилеп, тука имам доста пријатели, многу ми е драго што сум тука. И не само за Пиво фест јас и претходно доаѓав тука, луѓето се прекрасни и многу ми е мило што пејам пред оваа публика. Сум бил на повеќе пивски фестивали на просторите од поранешна Југославија, а ова е еден од најдобрите“, изјави легендарната музичка ѕвезда Харис Џиновиќ.

Вечерва настапува Димитар Андоновски со Тајфата, Џамбо Агушеви оркестар и балканската мега ѕвезда Северина, која по втор пат гостува на овој Фестивал.

„Поминаа три незаборавни вечери на Фестивалот, имаше многу позитивна енергија и дружење, многу испиено пиво, изедена скара и се она што со себе го носи Пиво фестот. Имаме луѓе дојдени тука од сите страни. Сите патишта од Македонија деновиве водат за Прилеп, забавата очекуваме да кулминира вечер со настапот на главната ѕвезда Северина“, посочи Марјан Ристески, градоначалникна на Прилеп. Комисијата задолжена за селекција на селфи фотографиите кои изминативе денови публиката ги испраќаше на facebook страницата pivofestival.mk веќе ја одбра победничката фотографија која ќе биде соопштена вечер, а победникот ќе ја понесе големата маскота – мајмунот.



Автор: Администратор
Објавено на: 17/07/2017 01:11