Обезбедување трајни работни места за младите и нивно дообразување преку бруто плата што ќе ја дава државата, е новата владина мерка, т.н. младинска гаранција, што ја најави денеска премиерот Зоран Заев на деловниот појадок со Сојузот на стопанските комори.
Целта на мерката вредна 500 милиони денари или 8,8 милиони евра до крајот на годинава, рече Заев, е младите да се задржат во Македонија, односно да се спречи одливот на мозоци.
– Младинската гаранција значи државата да финансира во одреден период директно пари за бруто плати на млади луѓе кои завршиле образование и се подготвени да се пуштат во тренинг или во трајно вработување. За бизнис заедницата тоа ќе значи бесплатно подготвување кадар, обучување на претходно теоретски подготвените млади луѓе, со намера, ако навистина вредат, да добијат трајно вработување и да биде искористен нивниот потенцијал, истакна Заев во обраќањето на појадокот.
Конечна цел, дополни, е луѓето да останат овде и да планираат свои семејства во Македонија.
– Определивме квалитетни средства за оваа намена кои во најголем сегмент сакаме да ги имплементираме во бизнис заедницата, односно преку приватните компании. Ако засега проектирана сума од 500 милиони денари се мултиплицира тројно или за четири пати, бројката ќе биде огромна со единствена цел, стопанството трошковно да се растовари и да се реши проблемот на младите кои немаат ден практично искуство, како и да останат во Македонија, објасни премиерот.
Во овој контекст побара поддршка и соработка од компаниите. Побара и да бидат похрабри во обезбедувањето нови работни места за кои државата, рече, ќе плаќа пари.
Според Заев, мал дел од средствата за т.н. младинска гаранција ќе одат кај универзитетите, за доедукација на младите, а другиот, најголемиот дел, кај бизнис заедницата.
– Да изготвите добри понуди зашто не сакаме младите да бараат работа само во администрацијата. Тоа не е добро. Администрцијата е обемна и имаме намера да ја намалиме за бизнисот да има повеќе ресурси, укажа премиерот, потенцирајќи дека заминувањето на секој млад човек, Македонија ја чини околу 100.000 долари.