Арсен Венгер, менаџерот на Арсенал, изјави дека голем број од неговите фудбалери патат од труење со храна, а, исто така, призна дека патувањето во различни климатски услови не е идеална подготовка за новата сезона.

Пер Мертесакер и Оливие Жиру ја пропуштија победата на нивниот тим над Баерн поради болест, додека Сеад Колашинац мораше да излезе од игра на полувремето бидејќи се чувствуваше лошо. Таков беше случајот и со Тео Волкот и Арон Ремзи, коишто го одиграа второто полувреме.

Францускиот стручњак изјави дека неговиот тим претрпел шок со доаѓањето во спарниот Шангај од Австралија и дека тоа влијаело врз здравјето на играчите. На прашањето дали долгите летови во различни временски зони и услови вредат за толкав напор, Венгер изјави:

„Тоа е добро прашање. За жал, некогаш давам лоши одговори на добри прашања. Но, ако ме прашувате дали тоа е идеална физичка подготовка, би рекол дека дефинитивно не е. Дали има други предности? Да, бидејќи ги запознаваме нашите навивачи низ светот. Врската внатре во тимот е полесна, бидејќи сме заедно две седмици. Од таа страна може да биде позитивно, но вистинскиот одговор ќе го видиме на почетокот на сезоната“, изјави Венгер.

Наредниот пријателски натпревар Арсенал го игра во сабота, кога ривал ќе му биде Челзи, а средбата се игра во Пекинг, од 13.35 часот.



Автор: Администратор
Објавено на: 20/07/2017 15:01