Косовскиот претседател, Хашим Тачи, за „Гласот на Америка“ изјави дека за доброто на земјата политичките партии треба да изнајдат формула за деблокирање на постизборниот процес.
– Тоа треба да го направат на начин Косово да добие стабилна, фукционална, ефикасна, мултиетничка влада, која ќе донесува одлуки кои земјата ќе ја носат напред, а не влада на застој или изолација на земјата, изјави Тачи.
Тој посочи дека едно од главните начела за формирање на идната влада треба да биде луѓето кои употребиле и употребуваат сила за реализација на политички цели да не бидат носители на институциите на Косово, индиректно обвнувајќи ги за тоа членовите на Движењето „Самоопределување“, кои во минатиот парламент фрлаа солзавец.
Вонредните парламентарни избори во Косово се одржаа на 11 јуни. Според освоените гласови, коалицијата ПАН (Демократска партија, Алијанса за иднината на Косово и Иницијатива за Косово) има 39 пратенички мандати, Движењето „Самоопределување“ 32, коалицијата ЛАА (Демократски сојуз, Алијанса за Ново Косово и Алтернатива) 29 пратеници. Во 120-члениот Парламент по десет пратеници, кои се загарантирани, имаат Србите и партиите на немнозинските етнички заедници.