Министерот за надворешни работи Марко Ѓуриќ изјави дека делегацијата предводена од српскиот претседател Александар Вучиќ во Њујорк прави максимални напори за Србија да добие најдобар можен резултат на седницата на Генералното собрание на ОН за резолуцијата за Сребреница, јави дописникот на МИА од Белград.

-Сигурно е дека тоа ќе биде силна дипломатска активност, сериозна борба. Притисокот со кој се соочуваме, не само ние, туку и земјите кои гласно се изјаснуваат против резолуцијата е огромен. Паралелно со нашите напори за лобирање, продолжуваат и притисоците на земјите кои се 20 пати посилни од Србија. Земјите кои се изјаснуваат против во одредени сегменти и ситуации се соочуваат со огромен притисок, изјави Ѓуриќ во соопштението на српското МНР.

Тој кажа дека во таа борба е вложен сиот кредибилитет што го има Србија, преку Движењето на неврзаните, добрата соработка и принципиелна политика.

Шефот на српската дипломатија рече и дека пред еден месец во Обединетите нации се чинеше дека резолуцијата е завршена работа, бидејќи никој не очекуваше некој да се осмели да се спротивстави на нешто што е замислено како политичка осуда на Србија и како создавање на морална стигма што ќе би ја носеле сегашните и идните генерации.

Неговиот впечаток е дека коспонзорите на резолуцијата не очекувале и не сакале сценарио во кое Србија активно се спротивставува и дека е убеден дека тоа ќе вроди со одредени плодови.

-Не би сакал претерано да ги зголемувам очекувањата, но сосема е сигурно дека работите не поминуваат и нема да се одвиваат онака како што замислиле авторите на овие резолуции, рече шефот на српската дипломатија.



Автор: Администратор
Објавено на: 21/05/2024 18:10