Големо количество на оружје денеска било пронaјдена во близина на Блаце на регионалниот пат кон Косово, соопштија од Министерство за внатрешни работи.

„Денеска од страна на единицата за недозволена трговија при Секторот за внатрешни работи Скопје во соработка со Управата за безбедност и контраразузнавање, а во содејство со единицата за брзо распоредување, единицата „Алфа“ и единицата за увид на местото на настанот и анализа, преземени се мерки и активности во атар на селото Блаце, поточно во близина на регионалниот пат кон Косово, при што во канал покрај земјен пат пронајдени се два рачни ракетни фрлачи М57, седум рачни бомби, пет запалки за рачни бомби, пушкомитралез од кинеско производство, пушкомитралез со пригушивач за пламен од руско производство, автоматска пушка, три празни рамки за автоматска пушка и три вреќи со вкупно 2.141 куршуми калибар 7,62 милиметри“, се вели во соопштението на МВР.

Секторот за внатрешни работи Скопје иврши увид и пронајдените предмети се подигнати, по што истите со наредба од Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје ќе бидат предадени на Одделот за криминалистичко-технички иситувања и вештачења при МВР, заради изготвување на вештачење.

„СВР Скопје презема мерки и активности за целосно расветлување на кривично-правниот настан, по што во консултација со надлежното Основно јавно обвинителство Скопје ќе следуваат соодветни поднесоци“, велат од МВР.



Автор: Администратор
Објавено на: 22/07/2017 13:48