Откако македонскиот првак Вардар заработи висока казна од УЕФА, меѓу другото и за односот, односно скандирањето на „Комитите“ против европската куќа на фудбалот, раководството на Вардар преку официјално соопштение упати апел за фер и коректно навивање на престојниот меч во Лигата на шампиони против дански Копенхаген.

– Ја замолуваме публиката за фер и коректно навивање, без извици на национализам и расизам, и без навивање против УЕФА. Ве потсетуваме дека токму УЕФА излезе во пресрет и ни дозволи да го играме овој натпревар на „нашиот“ стадион на „Телеком Арената“ во Скопје. Затоа Ве замолуваме да не истакнувате пароли и да извикувате против УЕФА, во спротвно ќе се соочиме со казна и со опасност следниот меч да го играме пред празни трибини. Поддршка е потребна, но таа да биде со фер и коректно навивање, со бодрење на момците во „црвено-црно, кои имаат историска шанса, пишува меѓу останатото во соопштението објавено на официјалната интернет страна на клубот.

Дуелот помеѓу Вардар и Копенхаген се игра во вторник (25 јули) на арената „Филип Втори“ со почеток од 20 часот.



Автор: Администратор
Објавено на: 23/07/2017 16:47