Кога сите други се откажуваат, кога сите други не можат да ја извршат задачата тогаш настапуваат македонските армиски „волци“ – доволно е да им се каже што треба, каде и кога – за другото самите ќе се погрижат.

Најдобри меѓу најдобрите, мајстори на својата професија, тивки професионалци, тоа се само некои од синоними кои ги користиме кога сакаме да кажеме збор или два за македонските армиски „волци“.

Делата кои ги направија во изминатите години припадниците на Баталјонот за специјални намени ги направија да бидат идол за младите поколенија, поим за македонски воин, поим за непокор.

Обуката која ја поминуваат припадниците на оваа специјална единица по многу нешта се разликува од обуката на регуларните единици, а една од специфичностите е секако и обуката во нуркање и извршувањето на подводни операции. Нуркањето е дел од специјалностите на оваа единица уште од самото нејзино оформување, иако почетоците беа тешки поради недостигот на соодветна опрема. Сепак, мотивацијата и ентузијазмот го надополнуваа она што недостигаше.

Со текот на времето опремата се надградуваше, искуствата се прошируваа, така што во моментов со гордост може да кажеме дека нуркачките тимови на Баталјонот за специјални намени во рамките на Полкот за специјални операции на Армијата на Република Македонија се меѓу најдобрите во регионот. Дека ова не се само празни зборови најдобро зборуваат акциите и делата коишто припадниците на овие единици ги извршуваат, како што беше неодамнешното извлекување на телото на давеникот од акумулацијата „Мавровица“, чистењата на дното на неколку природни и вештачки езера во Република Македонија и други активности во мирно време, а ќе нагласиме дека тие пред сè се специјалисти за извршување на специјални подводни борбени задачи, тивка подводна инфилтрација и борбени дејства.

Нуркачите од составот на Баталјонот за специјални намени често пати се користат и како инструктори или како подводно обезбедување на настани на вода итн. И во овие акции како и во сите други доаѓа до израз снаодливоста и способноста на припадниците на Баталјонот. Кога сите други се откажуваат, кога сите други не можат да ја извршат задачата тогаш настапуваат македонските армиски „волци“ – доволно е да им се каже што треба, каде и кога за другото самите ќе се погрижат.

Нуркачките тимови на Баталјонот за специјална намена во изминатите години имаа одлична соработка, размена на искуства и капацитети со соодветните единици на Министерството за внатрешни работи и други организации од овој сегмент. За високото ниво на обученоста во извршувањето на подводни операции големо влијание има и учеството на меѓународните вежби, како и размената на искуствата со специјалните сили на Турција, САД, Хрватска, Албанија и други држави.

Одржувањето на подготвеноста за реализација на подводни операции е од суштинско значење за ваков вид единица. Познавањето на опремата со која се работи, како и високата физичка подготвеност се основен предуслов за да се има добар нуркач.

Како и секоја година така и оваа неколку дена во водите на Охридското Езеро се реализираше кондиционо нуркање. Ова кондиционирање претставува и непосредна подготовка за претстојната меѓународна вежба каде ќе учествува нуркачкиот тим на Баталјонот за специјални намени.

Военото нуркање е елитна класификација кое во себе го содржи ризикот и одговорноста за извршување на задачата покрај сите опасности кои ги демнееат под нивото на водата, но со сигурност, припадниците на нуркачките тимови на бСН се дораснати на поставените задачи и предизвиции.

Одржувањето на потребното ниво на подготвеност, како и учеството на меѓународни вежби ја наметнуваат и потребата за постојано зановување на опремата и одржување на чекорот со времето бидејќи подводните операции со опасностите кои ги кријат не оставаат место за грешки.

Автор на текстот: Златко Блажески



Автор: Администратор
Објавено на: 24/07/2017 02:01