Данило, досегашниот фудбалер на Реал Мадрид, вчера потпиша петгодишен договор со Манчестер сити.

„Неколку клубови беа сериозно заинтересирани за мене, но отсекогаш сум сакал да играм за (тренерот) Гвардиола. Штом дознав дека има заинтересираност, знаев дека сакам да бидам фудбалер на Сити“, изјави 26-годишниот бразилски бек. Финансиските детали на договорот не се соопштени.

На Пеп Гвардиола му недостасуваа одбранбени играчи, бидејќи клубот го напуштија: Гаел Клиши, Пабло Забалета, Бакари Сања и Александар Коларов. Клубот ова лето го доведе Кајл Волкер од Тотенхем.

„Фудбалот е многу динамичен и бара квалитетни играчи на сите позиции, па мислам дека во предност е оној играч кој може да игра на различни позиции на високо ниво. Јас сакам да играм и немам омилена позиција. Навикнав да играм десен бек, но кога и да сум на теренот, во стартните 11, јас сум среќен“, изјави Данило.

„Гвардиола ми рече дека сум подготвен и дека можам да играм лев и десен бек и на средината. Се надевам дека ќе му помогнам онака како што очекува“, додаде тој.

Данило го напушти Реал по две години откако дојде од Порто. Тој со Реал два пати ја освои Лигата на шампионите и шампионската титула во Примера лигата.



Автор: Администратор
Објавено на: 24/07/2017 12:44