Здравата и бујна коса, како и кршливата коса и чувствителен скалп можат да бидат вистински показател за вашето здравје. Многу често одредени здравствени состојби или лекови може да влијаат и на квалитетот на вашата коса. Во одредени случаи главни „виновници“ се гените, но квалитетот на косата зависи и од вашиот начин на живот.
Првутот не е штетен
Појавата на првутот не е заразна. Една од теориите кои го објаснуваат неговото настанување вели дека главната причина е размножувањето на габи на скалпот. Други фактори одговорни за првутот се мрсна кожа на скалпот, стресот, прекумерна тежина, ладното време, егзема или псоријаза. Освен тоа што првутот може да биде непријатна појава и тешко исчезнува, не е знак дека е нарушено здравјето на скалпот и косата. За да се справите со првутот, одберете го најсоодветниот шампон наменет за третман на првутот. Ако подолго време не можете да се ослободите од првутот, обратете се кај вашиот доктор.
Жолт првут
Доколку забележите дека трагите од првутот се мрсни и се со жолта боја, можно е да се работи за себороичен дерматитис. Во тој случај, се работи за воспаление на кожата што најчесто се јавува на местата каде се наоѓаат потните жлезди (најчесто тоа е лицето и скалпот). Бидејќи себороичниот дерматитис е поврзан со хормоните, габични инфекции, како и со невролошки проблеми, се третира исто како и првутот, со шампони против првут. Одредени состојби бараат и третман со лекови зависно од причинителот на воспалението.