Долга, кратка, права или во кадрици, косата за повеќето жени е многу повеќе од сноп со влакна. Таа претставува израз на стилот и карактерот. Постојат истражувања кои велат дека косата и расположението се тесно поврзани. На пример, се будите наутро и не ви се допаѓа изгледот на вашата коса, тоа може да влијае врз целокупното расположение во текот на целиот ден. Проблемот губење на коса е застапен и кај жените и може да биде многу вознемирувачка состојба.

Помислата дека губењето коса е единствено машки проблем е погрешна. Дури 40% од луѓето кои имале привремен или долгорочен проблем со губење на косата се жени. Кај некои овој проблем се јавува на целата глава, кај други само централниот дел на главата изгледа поредок од другите.

Во просек, секој човек има околу 100 000 влакна на главата. Секој фоликул произведува едно влакно кое расте 1,5 – 2 центиметри за еден месец. Косата редовно се обновува, на период од 2 до 6 години.

Затоа, не вознемирувајте се кога ќе видите влакна на вашиот чешел, облека или во кадата бидејќи секој ден косата се обновува, а просечно губите од 50 до 100 влакна.

Кога ќе забележите дека во раката имате поголем сноп влакна, тогаш може да станува збор за опаѓање на косата. Во таков случај обратете се кај вашиот доктор или дерматолог.

Оваа состојба може да биде резултат на одредени животни навики, неколку медицински фактори, а понекогаш причината не е позната. Докторите најчесто посочуваат на проблеми со тироидната жлезда и хормоналната нерамнотеженост.

Некои од причинителите на оваа состојба знаат да бидат и синдромот на полицистични јајчници, алопеција ареата, зголемените нивоа на хормини во текот на бременоста, некои лекови (анти беби пилулите, лекови за регулирање на високиот крвен притисок, артритис, депресија ...), начинот на исхрана, фризурите со кои се оптегнува влакното, хемо и радиотерапија и екстремен стрес.

Оваа состојба се третира на разни начини. Миноксидил може да го забави или стопира паѓањето на косата кај многу жени, а кај една четвртина од жените кои го користеле нивната коса почнала повторно да расте. Кај жените кои имаат алопеција ареата, кортикостероидите можат да помогнат во процесот на повторно растење на косата.

Постојат и ласери кои го стимулираат влакното на косата да расте. Тие се користат кај мажите и жените, а резултатите се видливи по 2-4 месеци.

Исто така, познат е третманот трансплантација на коса. Овој третман, исто така, се користи и кај мажите и кај жените. Постојат повеќе методи на трансплантација на коса, меѓу кои најпозната е ФУЕ методата, односно земање на влакна од здравиот дел и пресадување на местата каде што недостасува коса. ФУЕ методата се изведува со поединечно земање на фоликули од влакното, најчесто од областа на тилот и пренесување на места каде што недостасува коса. Постапката се изведува со помош на посебен апарат, кој овозможува најпрецизно земање на влакната, без лузни и оштетување на околните корени, што е од голема предност во однос на другите техники. Крајниот резултат од интервенцијата е изедначена прераспределба на косата, како и природен изглед и волумен при што не се забележува разлика меѓу старата и новата коса.

Во секој случај, навремената дијагноза, помага во лекувањето на овој проблем. Затоа доколку забележите нагло опаѓање на вашата коса, веднаш обратете се кај дерматовенеролог.



Автор: Администратор
Објавено на: 25/07/2017 01:23