Министерството за култура донесе решение за разрешување на Роберт Вељановски од функцијата директор на Драмски театар-Скопје. За вршител на должноста директор на оваа национална установа е назначен актерот Сашо Тасевски, кој е член на ансамблот на Драмски театар.

– Во изминатиот четиригодишен период досегашниот директор Вељановски нема спроведено постапка за реаудиција. Инспекцијата констатирала и дека незаконски бил издаван под закуп дел од објектот на националната установа, простор што е во сопственост на Република Македонија, со оглед дека претходниот договор за закуп бил истечен на 14 февруари 2015. Не се водела соодветна евиденција за работното време на вработените во установата, предвидена со законот за работни односи, а досегашниот директор Вељановски донел и годишна програма за работа на установата без согласност на Управниот одбор, соопшти Министерството за култура посочувајќи дека „именувањето в.д директори се прави со цел што побрзо ослободување на клучните институции кои досега беа заробени од партиски кадри“.

Министерството најавува и дека наскоро ќе биде предложена измена на Законот за државни службеници, со цел да се одблокираат институциите и да се обезбеди демократски трансфер на власта во сите ресори.

– По исполнување на законските услови, низ целосно отворен и транспарентен процес, Министерството за култура ќе распише конкурси и ќе спроведе постапки за избор и именување нови директори на националните установи. На конкурсите сите заинтересирани кандидати од самите институции, но и надвор од нив, ќе може да ги предложат своите програми и визии за департизација, заздравување и унапредување на работата на културните институции во Република Македонија, наведува Министерството за култура.



Автор: Администратор
Објавено на: 25/07/2017 15:09