Македонскиот првак Вардар забележа победа против данскиот Копенхаген во првата средба од третото квалификациско коло за Лигата на шампионите.

Дуелот кој се одигра на арената „Филип Втори“ во Скопје, а на кој присуствуваа 10.000 гледачи, Вардар го доби со 1:0.

Во првото полувреме двата тима имаа свои периоди од играта, но без посериозни шанси се до последната 45.минута кога Филипе со удар работ на казнениот простор се обиде да го изненади гостинскиот голман Роби Олесен кој со одлична интервенција не дозволи вардарци да го отворат резултатот.

Во вториот дел Џонатан Балотели во 54.минута изби пред голот на Олсен, но ударот на Бразилецот во последен миг го изблокира Јохансон.

Сепак во 65.минута Балотели беше далеку попрецизен. По грешката на потесната одбрана на данскиот тим, топката случајно дојде до Бразилецот кој биеше силно и прецизно за водство на Вардар од 1:0.

Македонскиот првак преку Дамир Којашевиќ во 84.минута имаше мможност да стигне и до водство од 2:0, но Црногорецот од 10 метри биеше преслабо за да го совлада Олесен.

Тоа можеше скапо да ги чини црвено-црните. Данскиот тим во 86.минута, преку Парагваецот, Хавиер Сантандер и во втората минута од продолжението (90+2) преку Николај Томасен, имаше големи шанси да го израмни резултатот. Сепак вардаровиот голман Гачевски со прекрасни интервенции успеа да го сочува својот гол и му ја обезбеди победата на Вардар.

Реванш натпреварот во Данска ќе се игра на 2 август во терминот од 20 часот.

Покрај овој натпревар досега се одиграа и средбите: Карабах – Шериф 0:0, Славија Прага – БАТЕ Борисов 1:0, Стеауа Букурешт - Викторија Плзен 2:2, АЕК Атина - ЦСКА Москва 0:2 и Партизан – Олимпијакос 1:3.



Автор: Администратор
Објавено на: 26/07/2017 05:41