Ракометната репрезентација на Македонија за играчи до 21 година синоќа во осминафиналето го победи домаќинот Алжир со 24-20 (11-10 на полувремето) и се пласира во четврт-финалето на Светското првенство.

Македонските ракометари попладнево во 19.30 часот ќе играат против Франција во четврт-финалето на Светското првенство.

По првото полувреме домаќинот Алжир имаше минимална предност од еден гол, а во вториот дел избраниците на селекторот Илија Темелковски заиграа подобро, особено се засили одбраната, па противникот успеа да постигне само девет погодоци. Во последните четири-пет минути од средбата Македонија обезбеди предност од четири гола.

По две минути игра во натпреварот, поради повреда мораше да излезе Марко Нелоски, а по 40 минути од средбата, исто така поради повреда, теренот го напушти и Филип Арсеновски.

Головите за Македонија ги постигнаа: Филип Талески 8, Давор Палевски 4, Мартин Велковски, Мице Шилегов, Филип Кузмановски по 3, Филип Арсеновски 2 и Милан Лазаревски 1. Одлични беа и голманите Мартин Томовски и Никола Даниловски. Резултати од осминафиналните натпревари: Македонија – Алжир 24-20, Франција – Фарски Острови 28-25, Данска – Норвешка 34-27, Хрватска – Русија 25-34, Германија – Шведска 31-28 (по продолжение), Тунис – Исланд 28-27, Унгарија – Словенија 28-27 (по продолжение) и Шпанија – Аргентина 27-21.

Во четврт-финалето на Светското првенство за ракометари до 21 година денес ќе играат: Македонија – Франција, Германија – Тунис, Данска – Русија и Унгарија – Шпанија.



Автор: Администратор
Објавено на: 27/07/2017 11:58