Светски познатите ди-џеи „Hardwell“ и „Afrojack“, како и легендарната балканска музичка атракција „Бијело Дугме“ се на програмата на Второто издание на фестивалот „Ohrid Calling 2017“ што од 1 до 4 август ќе се одржува на стадионот „Билјанини извори.

Ѓоко Апостолов, раководител на Секторот за туризам и локален економски развој при Општина Охрид , истакна дека резултатите остварени со реализацијата на идејата за востановување нов фестивал во најголемиот македонски туристички центар се мошне позитивни, особено во насока на промоција и позиционирање на Охрид на европската фестивалска мапа.

- Големиот интерес на публиката за минатогодишните концерти во рамки на „Ohrid Calling“ со гости од регионот кои специјално дојдоа за таа намена, е во корелација со заложбите на Локалната самоуправа за привлекување што поголем број странски туристи во градот, рече тој притоа посочувајќи дека за Охрид да стане познат туристички центар потребни се добра промоција, добра конекција и секако беспрекорна организација на ваквите манифестации, на што постојано и интензивно се работи.

Апостолов изрази уверување дека оваа година организациски и според посетеност фестивалот ќе го надмине минатогодишното издание, а за следната година ќе бидат поставени повисоки граници во насока на подобро позиционирање на Охрид на европската фестивалска сцена.

Денис Илиоски од продукцијата „Авалон“ која заеднички со охридската Локална самоуправа го реализира фестивалот истакна дека продажбата на билетите за концертите за ова фестивалско издание оди мошне добро, со забелешка дека интерес за посета на Охрид пројавиле голем број гости од цела Европа, така што се очекува за време на фестивалските денови Охрид да биде полн со туристи.

Организаторите на манифестацијата најавија дополнителни инфраструктурни и организациски активности за во иднина преку „Ohrid Calling“ во градот да дојдат уште попознати имиња од светот на забавната музика.



Автор: Администратор
Објавено на: 27/07/2017 19:08