Бразилецот Нејмар, играчот на Барселона, отпатувал во Катар за да го финализира трансферот во ПСЖ за 222 милиони евра, пренесуваат шпанските „Спорт“ и „Мундо депортиво“.

По турнејата во САД, Нејмар не се врати со екипата во Барселона, туку продолжил за Катар, каде што со сопствениците на ПСЖ ќе ја заврши последната рунда на преговорите и уште утре ќе ги направи лекарските прегледи во Париз.

Дваесет и петгодишниот бразилски напаѓач ќе стане убедливо најскапо платениот фудбалер во историјата, повеќе од двојно ќе го сруши рекордот на Пол Погба (од Јувентус во Манчестер јунајтед за 105 милиони), а ќе добие плата дури од 30 милиони евра по сезона до 2022 година.

Нејмар си оди од Барселона бидејќи веќе не сака да биде во сенка на првата ѕвезда Лионел Меси, а колку му се брза да си оди, кажува нервозата на тренинзите и тепачката со соиграчот Нелсон Семедо, по која самоволно го напушти тренингот во Мајами.

ПСЖ по доведувањето на Нејмар, ќе ги продава Анхел ди Марија, Јулијан Дракслер, Адриан Рабо, па дури и Марко Верати за да избегне казна од УЕФА поради кршење на финансискиот фер плеј.



Автор: Администратор
Објавено на: 31/07/2017 18:08