Кристијано Роналдо, најдобриот фудбалер на светот, денес се појави пред Судот во Мадрид во врска со истрагата за наводното затајување данок.
Денешното рочиште со истражниот судија ќе биде затворено за јавноста. Роналдо ќе даде изјава пред судијата, кој ќе одлучи дали има основа да се покрене обвинение против него.
Шпанското обвинителство го обвини Роналдо дека затаил 14,7 милиони евра, бидејќи наводно приходите од продажбата на правата на неговите фотографии ги уплатувал на сметки на фирми кои се надвор од Шпанија.
Кристијано Роналдо не крие дека е разочаран од судскиот процес, што беше и една од главните причини поради која тој најави заминување од Реал. Ситуацијата во меѓувреме се смири, Кристијано дефинитивно останува меѓу „кралевите“, но останува да се види епилогот од судскиот случај.