Во возвратниот дуел од третото квалификациско коло во Лигата на шампионите Вардар не успеа да го елиминира Данскиот првак Копенхаген и со тоа да ја создаде новата фудбалска клупска историја.
Првото полувреме изобилуваше со добра и офанзивна игра на двата тима а тоа резултираше со дури три погодици. Иако натпреварот почна најлошо што можеше за нашиот тим поради примениот гол уште во втората минута, сепак од она што сите стравувавме не се случи.
По голот на Грегус во првата минута, по одличниот шут од шеснаесет метри, Вардарци не дозволија да им падне моралот, ниту пак психолошкиот момент влијаеше на нив, па така успеаа да се соземат по примениот гол и да продолжат понатаму.
Стабилната игра на средината од теренот во продолжението на натпреварот му донесоа на Вардар неколку шанси за да веќе во 18-тата минута преку одлична акција од левата страна Барсегјан ја нафрли топката во шеснаесетникот на Копенхаген а на вистинско место се најде Бобан Николов кој без никакви проблеми и со манир на врвен стрелец постигна гол и го израмни резултатот на 1:1.
Радоста на Вардарци траеше кратко бидејќи седум минути подоцна, односно во 25-тата минута по нафрлената топка од корнер, асистентот на израмнувачкиот гол Барсегјан, со недефиниран дел од телото стрелаше во сопствениот гол и постигна автогол со што го донесе Копенхаген повторно во предност од 2:1.
На стартот на второто полувреме, Балотели имаше шанса во педесетата минута да постигне гол но не успеа да се снајде по нафрлената топка и упати само млак удар кон голот на Олсен.
Мирно беше на теренот се до 71-та минута, кога стрелецот на првиот гол Грегус направи груб старт врз Балотели и со тоа заработи втор жолт картон што автоматски значеше исклучување за играчот од средниот ред на Копенхаген.
Иако останаа со играч помалку, во 74-тата минута по нафрлената топка на Бенгстон, сам се најде Сантандер пред голот на Гачевски и имајќи ја во предвид неговата висина, без никакви проблеми стрелаше прецизно и го доведе Копенхaген до водство од два разлика и резултат што го води понатаму.
Натпреварот беше решен во 87-тата минута кога Копенхаген направи брза контра, а Гачевски невнимтелно стартуваше и данците добија удар од белата точка. Сотироу стрелаше прецизно и тука завршија надежите на црвено - црните.