Собранието на Република Македонија денеска ја продолжи расправата за ребалансот на Буџетот, што почна во вторникот.

Масакриран Буџет, кратење на капиталните инвестиции, на средствата во образованието, здравството, полицијата, армијата,... на сметка на непродуктивни трошења, вработувања партиски кадри и градење бегалски кампови, се само дел од забелешките за ребалансот што денеска ги изнесоа опозициските пратеници.

Од СДСМ возвратија, дека со ребалансот капиталните инвестици не се кратат, туку се сведуваат на реална основа, а забелешките на ВМРО-ДПМНЕ ќе беа издржани доколку оваа партија не беше на власт 11 години.

Прв на обвинувањата од опозицијата реплицираше министерот за финансии Драган Тевдовски.

- Не е точно дека капиталните инвестици се кратат, туку напротив, се реално поставени. Во Буџетот годинава биле предвидени 27 милијарди денари за капитални инвестиции, а со ребалансот се сведени на 23,4 милијарди. Тоа не е кратење, туку оптимистичко проектирање зашто реализацијата лани била 16,9 милијарди денари. Ниту една година капиталните инвестиции не достигнале 19 милијарди денари, а сега се поставени пет милијарди повиско. Тоа вам треба да ви биде јасно зашто секој буџет од глобалната криза наваму, бил лажно проектиран кај капиталните инвестиции, се продаваше приказна дека наводно има некаков развој, истакна Тевдовски.

Во првите шест месеци од 2017-та, додаде, реализацијата на капиталните инвестиции е 8,7 милијарди денари, а со ребалансот за следните шест се проектирани капитални инвестиции во износ колку реализацијата во цела 2016 година што воопшто не е кратење, туку дури и оптимистичко проектирање.

- Капиталните инвестици во образованието лани биле 1,1 милијарда денари, а сега, со ребалнсот се поставени на 1,8 милијарди или 64 отсто повеќе. Не станува збор за никакво кратење. Вкупните вложувања во образованието лани биле 3,77 отсто од БДП, а со ребалансот изнесуваат 3,96 проценти. Имаме многу повисоко проекитрање од реализацијата во 2016 година, потенцира министерот.

Владанка Авировиќ од Социјалистичката партијапосебен акцент стави на кратењето на средствата во образованието и социјалата, со што, рече, е направена голема грешка. Според неа, недозволиво е да се крати од подобрување на стандардот и животот на луѓето, од капитални, брзи проекти за сметка на непродуктивни трошења чиј ефект ќе го видиме допрва.

- Вршите кратења на капитални инвестиции, а ги зголемувате непотребните трошења. Вршите нови, непродуктивни вработувања, а прекинати се обнови, реконструкции на училишта и зголемувања на капацитети на градинки, а тоа се всушност капитални проекти, кои брзо се реализраат и се веќе почнати. Времето ќе покаже дека сепак ќе треба да се определат пари за нивно завршување. Не може децата да трпат, тие се нашата иднина, рече Авировиќ.

Таа се осврна и на економските зони и странските инвеститори, на кратењето средства за промоција на државата и туризмот, оценувајќи дека предвидените владини проекции и мерки во овие сегменти нема да го дадат саканиот резултат. - Затоа предвидувате најпесимистички раст, зашто се преминува на свесно непродуктивно кастрење на Буџетот, забележа пратеничката.

Според Жаклина Лазаревска од СДСМ, Авировиќ пласира невистини.

- Кажавте многу работи, но не и дека се што беше проектирано во буџетот од претходната влада, беше голема шарена лага. Нереално ја пумпавте државната каса, се проектираа средства кои вистински никогаш не се реализираа. Го затекнавме образованието како второ најлошо во Европа, исто и здравството, затекнавме и огромни социјални разлики, иселувања, напомена Лазаревска, дополнувајќи дека новата Влада за спорстки сали со ребалансот предвиде 273 милиони денари, а реализацијата додека ВМРО-ДПМНЕ биле на власт достигнала 148 милиони.

Сашко Поцков ги праша пратениците да кажат со каков кредибилитет зборуваат и обвинуваат за капитални инвестиции кога изминатите години, проектираното било реализирано во многу мал процент, а била испуштена и можност за искористување 69 милиони евра од ИПА за изградба на Коридорот 8.

- Опозицијата е во паника зашто СДСМ два месеца е на власт и одговорно се однесува. Оттука, наместо ребалансот да биде обично техничко прашање, го издигнува како клучно политичко, рече Поцков.

Кој е во паника, реагираше Драган Данев од ВМРО-ДПМНЕ, знаат граѓание, особено по потпишувањето на Договоро со Бугарија.

- За вас капитални инвестиции се вложувања во задоволни професори, родители, ученици, а кога последен пат сте ги зголемиле платите на професорите, кога сте овозможиле бесплатни учебници и кембриџ систем, кога сте ги покачиле стипендиите, кога сте ги наградиле најдобрите ученици, праша Данев.

Томислав Тунтев, пак, оцени дека за 11 години ВМРО-ДПМНЕ не успеа да креира буџет согласно перформанските на македонската економија, додека според Зоран Илиоски, ВМРО-ДПМНЕ само во 2016 година реализира капитални инвестиции колку што СДСМ имаше во претходниот четиригодишен мандат.

Се надоврза и Димитар Стевананџија, укажувајќи дека ребалансот не може да биде добар ако е стопирана изградбата на патот Прилеп-Градско, ако се скратени 21 милион евра за образование, 60 милиони за полицијата, 11 милиони за АРМ или 105 милиони за изградба на училишни спортски сали.

- Не се крати од Македонија и оваа Влада нема да дозволи да се краде од Македонија, возврати Поцков.

Крсто Мукоски нагласи дека не постои економист што ќе го оправда кратењето на капиталните инвестиции, особено ако тоа се прави за сметка на обезбедување средства за нови, како што рече, непродуктивни вработувања.

- Нема воопшто јавни набавки, деновите и месеци врват, а треба да создавате нови добра и вредности. Сите капитални инвестиции ги имате стопирано заради ревизија, но во општеството ништо не се создава, предупреди Мукоски.

Пратениците Албанци фокусот на својата диксуија го ставија врз регионалниот развој. Забележаа дека со ребалансот, повторно не се рамномерно и еднакво распределени средствата за оваа намена. Ребалансот, истакнаа, е социјален, наместо развоен, а целта е иста како на претходните буџети, да се искористи за политички цели.

- Продолжува старата навика на нераспределба на средствата во сите подрачја подеднакво, особено во делот на инфраструктурата. Буџетот треба да биде рамномерен, а не ралзичен за различни слоеви во Македонија. Се обврзавме како пратеници дека ќе градиме рамноправно општество согласно европските одредби зашто претендираме да бидеме дел од ЕУ. Се надеваме дека во 2018 година ќе имаме правилен, рамноправен буџет за граѓаните во сите региони, беше ставот на албанските пратеници.

Расправата за ребалансот треба да продолжи по редовната едночасовна пауза.



Автор: Администратор
Објавено на: 03/08/2017 13:09