Фудбалскиот клуб Риека го елиминира Салцбург поради голот во гости во третото коло од квалификациите за Лигата на шампионите.

Хрватската екипа одигра 1-1 минатата седмица во Австрија, додека пред домашната публика ремизираше 0-0, па се пласира во четвртата рунда. Риека одигра многу цврсто, смирено и на резултат, па поради тоа ќе има шанса да влезе во елитното фудбалско натпреварување.

Екипата на Ница, исто така поради повеќето голови во гости, го елиминира Ајакс, бидејќи реванш-натпреварот во Холандија заврши 2-2, додека во првиот натпревар на стадионот на францускиот клуб резултатот по 90 минути игра беше 1-1.

Клубот од Азурниот брег прв поведе против Ајакс, уште во третата минута од средбата Суке постигна гол. Домашните играчи со погодокот на Ван де Бек во 26-тата минута дојдоа до изедначување, а тоа воедно беше и резултатот на полувремето.

Дејвисон Санчес во 57-мата минута погоди за водство на холандската екипа, но на 11 минути пред крајот, Венсан Марсел постигна гол, кој беше и последен на натпреварот.

Легија од Варшава го бркаше големото заостанување од првиот натпревар против Астана, бидејќи во Казахстан беше поразена со 3-1. Полјаците беа подобриот ривал во текот на поголемиот дел од натпреварот, на крајот успеаја и да победат, но изгледа дека ова беше Пирова победа бидејќи резултатот на крајот на семафорот покажуваше 1-0.

Единствениот гол на натпреварот го постигна Јакуб Червински во 76-тата минута.

Пласман во наредната рунда обезбеди и шкотскиот Селтик, кој на гостувањето во Розенборг во Норвешка славеше со 1-0. По првиот натпревар резултатот беше 0-0, а стрелец на победоносниот гол поради кој Селтик се пласира во следната рунда беше Џејмс Форест во 69-тата минута.



Автор: Администратор
Објавено на: 03/08/2017 16:31