Народниот театар од Битола на годинашното 57. издание на Фестивалот „Охридско лето“ ќе се претстави со премиерната изведба на нивната поставка на „Сон на летната ноќ“ на Шекспир, што ќе се игра на сцената „Долни Сарај“ вечер од 21 часот.

За режисер на оваа можеби најпозната комедија напишана на англиски јазик е одбран Џон Блондел, професор по театарски уметности на калифорнискиот Универзитет „Вестмонт“ во Санта Барбара.

Блондел за концептот при поставувањето на ова дело на Вилијам Шекспир рече дека го осмислува веќе 25 години, досега пет пати поставувајќи ја токму таа комедија, со исто толку ансамбли и на три различни јазици.

– Она што секојпат се обидувам е дејството во приказната да го спојам со актерската екипа, односно да им дозволам на самите актери преку својата игра да и дадат своја посебност, изјави Блондел на денешната прес-конференција по повод вечерашната премиера.

Текстот на Шекспир, според него, е посебен сам по себе, зборува за тоа што е љубовта, кога ја пронаоѓаме, губиме, повторно ја наоѓаме, што се ни се случува во сиот тој процес на лично менување.

– Следбеник сум на работата на големиот англиски режисер Питер Брук. Така што кога седнавме со актерите да ја осмислиме претставата, реков дека немам воопшто никаков концепт,.. и се уште го немам. Концептот е она што произлезе од нашата работа, своевидна креација на солуции. Секогаш се обидувам да направам спој меѓу луѓето, личностите, поединецот, човечното во него со текстот, за на тој начин да ја избегнам замката на наметнатост, лична претенциозност, влијание, рече Блондел.

Катерина Аневска, која ја толкува улогата на Титанија во претставата, рече дека ова и е прва соработка со режисерот Блондел, кој веќе трипати работел на проекти со Народниот театар од Битола.

– Ова е мое омилено дело од Шекспир и дефинитивно претставува извор на мотивација, како за режисерите така и за актерите. Интересно е што во претставата вметнавме неколку сонга на Блонди. Предизвик беше за мене тој музички дел да го спојам со ликот што го толкувам, рече Аневска.

Драматургот на поставката на „Сон на летната ноќ“ Билјана Крајческа за соработката со режисерот Блондел рече дека е интересен оттаму што претставува спој на две различни култури, како тие да се вметнат во актерскиот израз со оглед на различноста во размислувањето, на хуморот исто така.

– Делото отвора многу животни прашања и проблеми, од власта до љубовта. На крајот стигнавме до наша заедничка приказна која говори за тоа што значи нешто да добиваш, кога нешто ќе изгубиш…Тука се вметнати дел од нашите лични приказни, што ќе ги претставиме во двочасовна игра, рече Крајческа.

За овој проект е ангажирана бројна актерска екипа на Битолскиот театар: Петар Горко, Илина Чоревска, Никола Пројчевски, Марјан Ѓорѓиевски, Викторија Степановска Јанкуловска, Маја Андоновска Илиевски, Слободан Степановски, Александар Стефановски, Огнен Дранговски, Катерина Аневска, Петар Спировски, Соња Михајлова, Јулијана Мирчевска, Валентина Грамосли, Менка Бојаџиева, Јулијана Стефановска и Елена Моше.

Ова е втора премиера на театарска претстава во рамки на драмската програма на годинашното издание на фестивалот „Охридско лето“, а една од осумте премиери што за тековната година се предвидени на репертоарот на Народниот театар од Битола.



Автор: Администратор
Објавено на: 05/08/2017 16:05