Фотографи аматери и професионалци може да учествуваат на конкурсот​ за фотографии​ #PicThisEurope кој го објавија Националната и ​универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“-Скопје и Европеана - дигитална библиотека, музеј и архив каде се чува културно богатство од над 3000 институции од Европа.

Натпреварот се организира за да го промовира културното наследство отсликано на старите разгледници и е продолжение на дигиталната изложба „Сликај го ова! Стари разгледници од Југоисточна Европа“ (Picture this! Vintage postcards of Southeastern Europe) во која, со разгледници од Скопје од пред 1945, како дел од фондот на посебните збирки, учествуваше и НУБ „Св. Климент Охридски“.

На таа изложба учествуваа и националните библиотеки од Албанија, Босна и Херцеговина, Молдавија, Словенија, Србија, Хрватска и Црна Гора.

- Оваа изложба, чиј координатор беше македонската национална библиотека, го претстави крајниот резултат на проектот „Збирките од Југоисточна Европа во Европеана“ чија цел беше да овозможи поголема достапност до културното наследство што се чува во европските национални библиотеки кои се членки на ЦЕНЛ, но чии земји не се членови на Европската Унија, соопшти НУБ.

Организаторите ​на конкурсот ги повикуваат сите љубители на фотографијата да учествуваат со свои фотографии што ќе прикажат како изгледаат денес објектите и знаменитостите што се претставени на разгледниците на изложбата ​ „Сликај го ова! Стари разгледници од Југоисточна Европа“.

Фотографиите може да се пратат на Фејсбук, Твитер и Инстаграм на Европеана користејќи го симболот #PicThisEurope.

Учесниците може да добијат награда или нивните фотографии да бидат селектирани и прикажани на изложбата „Европеана збирки“.​ ​

- Во пораката задолжително треба да се назначи која држава, место или културна знаменитост е прикажана на фотографијата. ​Краен рок за испраќање на фотографиите ​е​ 31 август 2017, информираат организаторите на конкурсот.



Автор: Администратор
Објавено на: 07/08/2017 12:23