Земјите членки на ЕУ почнаа процес на враќање на мигрантите во Грција, кои во изминатите пет месеци пристигнаа во Европа токму преку нејзина територија, а во неа ќе бидат разгледани и нивните барања за добивање азил, јавија американските медиуми.
Според правилата на ЕУ, барањето за азил мигрантите мораат да го поднесат во земјата членка на Унијата на чие тло прво стапнале, но овие правила во 2015 година беа ставени надвор од сила кога во Грција навалија стотици илјади лица, во голем дел бегалци од Сирија, пренесува БТА.
Европската комисија во декември препорача земјите членки на ЕУ постепено да продолжат со префрлање во Грција на илегалните мигранти кои ќе пристигнуваат од 15 март па натаму.
Грчката служба за азил тврди дека до неа се стигнати над 400 барања за враќање на мигранти, од кои досега се прифатени само седум.
Грчкиот министер за миграција, Јоанис Музалас, изјави дека, кога станува збор за враќање на мигрантите, всушност станува збор за многу мал број лица.
– Во следните месеци ќе прифатиме неколку десетици лица, изјави денеска Музалас за телевизијата „Скај“.
„Тоа ќе биде сторено под услов да имаме соодветни услови да ги примиме,“ реќе Музалас, наведувајќи дека станува збор за симболичен потег што го диктираат обврските на Грција како членка на ЕУ.