Претседателот на Полска, Анджеј Дуда одби да го одобри доделувањето на генералски и адмиралски чинови на офицери предложени од Министерството за одбрана, соопшти вчера полското Биро за национална безбедност.
Дуда својата одлука ја аргументираше со „недостатоци во командниот систем на армијата“ и изрази надеж дека во најблиско време ќе биде составен таков систем на раководство, кој ќе овозможи да се примат соодветни кадровски решенија.
Министерството за одбрана од своја страна нагласи дека „назначувањето на раководен состав е во клучен момент од тековните реформи во армијата, без кои сите други реформи можат да не се спроведат“.
Локални аналитичари нагласуваат дека во полската армија се појавила криза поради недостиг на раководен кадар.
– Во текот на двете години од владеењето на партијата „Право и правда“ од армијата се излезени 36 генерали. Таква чистка во историјата на вооружените сили на независна Полска досега немало. Истовремено министерот Мачаревич испраќа на потпис кај претседателот 46 предлози за нови генералски назначувања, објави минатата недела варшавскиот весник „Газета виборча“.