Музичката програма на „Охридско лето“ продолжува со вечерашниот концерт на Бенџамин пијано триото во катедралната црква „Света Софија“. Триото го сочинуваат Емир Имеров на виолина, Ваг Папијан на пијано и Александар Кагановски на виолончело.

Концертот ќе почне во 20:30 часот, а на програмата се клавирското трио во Ц-мол на Николај Римски Корсаков и клавирското трио опус 50 на Петар Илич Чајковски.

Виолинистот Емир Имеров е роден во Скопје. Тој освојува прва награда на натпреварот за виолинисти кога имал само 12 години. Во 1991 година се сели во Германија каде ги продолжува студиите по виолина и дипломира на Академијата во Вурцбург во класата на Г. Жислин. За време на студиите победува на натпреварот „Феликс Менделсон“ и како награда добива двегодишна стипендија на Баварската висока школа за музика. Како член на квартетот „Виртуозо“ од Санкт Петербург, Имеров активно концертира во САД, Австралија, Русија, Швајцарија и во Германија.

Во 1998 година со триото кое го основа Имеров победува на натпреварот за камерна музика во Тулуз и истата година тој освојува втора награда на натпреварот за млади виолинисти во Ташкент. Се усовршува во класата Д. Геде – концерт-мајстор на Виенската филхармонија и посетува мајсторски курсеви кај Захар Брон и Виктор Третјаков. Од 2004 година Емир Имеров е концерт-мајстор на Симфонскиот оркестар на Минхенглајдбах-Крефелд и предава на тамошната музичка академија. Тој е член на ансамблот „Европски солисти“ од Луксембург и постојан гостин-педагог на мајсторски курсеви во Грција, Полска, Германија, Белгија и Хрватска.

Пијанистичката кариера на Ваг Папијан започнува во 1979 година со неговата победа на престижниот натпревар „Виана да Мота“ во Лисабон, по што е поканет да настапува во сите значајни концертни сали во поранешниот Советски Сојуз вклучувајќи рецитали во Санкт Петербург и Москва. Дипломира на Московскиот конзерваториум во класта на М. Воскресенски, а диригирање студира со познатиот Иља Мусин.

Во 1984 година на покана на Валериј Гергиев, Папијан станува постојан диригент на Ерменската филхармонија, а три години подоцна станува уметнички директор и шеф-диригент на овој оркестар со кој остварува повеќе од 200 концерти. Покрај тоа, тој постојано настапува како пијанист гостувајќи во Базел, Барселона, Женева, Торонто, Отава, Њујорк, како и на турнеи во Јужна Америка и Азија. Диригира со Англискиот камерен оркестар, со Израелскиот камерен оркестар, со Новата јапонска филхармонија, симфониските оркестри во Ерусалим, Москва, Белград, Трондхајм, а на фестивалот „Енеску“ во Романија го предводи познатиот хор на „Виенските момчиња“.

Во 2005 година дебитира со Израелската филхармонија. Како дуо партнер на Максим Венгеров снима за ЕМИ класикс и со него настапува на сите континенти. Тој е постојан гостин-диригент на Националната опера на Ерменија и е професор на Академијата за музика „Самуел Рубин“ во Тел Авив.

Виолончелистот Александар Кагановски е роден во Киев, а започнал со часови по музика на петгодишна возраст. Само по неколку години веќе настапувал како солист, а на 16 години победил на националниот натпревар за музика. Студиите ги продолжил на Академијата „Самуел Рубин“ во Тел Авив во класата на проф. Узи Визел и победил на неколку натпревари во Израел.

Од 1985 година е постојан член на Израелскиот гудачки квартет. Александар Кагановски настапувал на реномирани фестивали во Австрија, Италија, Швајцарија, Норвешка, Русија, Франција, Тунис, Германија и Луксембург, а со оркестри, покрај во овие земји настапувал и во Белгија, Португалија, Шпанија, САД, Јапонија, Унгарија, Србија, Хрватска и др. Тој настапувал и со многу респектирани диригенти меѓу кои Баршаи, Борејко, Јусупов, Китаенко и др. Одржува мајсторски курсеви во Германија и во Словачка, Франција, Луксембург, Израел итн.



Автор: Администратор
Објавено на: 10/08/2017 10:46