Актуелниот европски и македонски шампион Вардар конечно прикажа игра која се очекува од европскиот првак. Вардарци забележаа убедлива победа со 37-26 на дуелот против германскиот тим Гумерсбах на турнирот кој го организира токму оваа екипа.
„Црвено-црните“ уште во првото полувреме покажаа дека се за класа подобри од германската екипа, па на одмор заминаа со предност од високи шест гола разлика, 18-11. Во вториот дел вардарци од минута во минута само ја зголемуваат разликата па на крајот славеа победа со убедливи 11 гола разлика (37-26).
Најефикасен кај вардарци беше Вуко Борозан, кој иако одигра само едно полувреме беше лидер со 8 погодоци. Тимур Дибиров средбата ја заврши со 7 гола, додека Војводиќ постигна 5, а по три гола постигнаа Шишкарев, Карачиќ и Кристопанс.
Со тоа Вардар го освои третото место на овој турнир на кој во финалето ќе играат германските гиганти, Флензбург и Рајн Некар Левен.