Дарко Димовски денеска официјално ја презема функцијата претседател на Сојузот на синдикатите на Македонија.
Димовски на прес-конференција објави дека Централниот регистар го спровел решението на Министерствто за труд и социјална политика со кое тој е овластено лице за застапување на ССМ.
- Од денес започнува ново поглавје на синдикализмот во Македонија со кое ќе се врати достоинството на работниците и сите работници без разлика дали се или не се членови на ССМ ќе можат да ги остварат своите права, рече Димовски, потенцирајќи дека чекал десет месеци Централниот регистар да го спроведе решението на МТСП.
Официјалното примопредавање со досегашниот претседател на ССМ Живко Митревски, како што информира Димовски, е договорено за 15 часот попладне.
Во ССМ изутрина официјалниот документ од Централниот регистар Димовски му го покажал на Митревски во присуство на полиција. Новото раководство на ССМ побарало асистенција од полицијата поради, како што објасни Пецо Грујовски од Синдикатот на УПОЗ, присуство на обезбедување на Митревски и пружањето мал отпор по којшто била констатирана фактичката состојба и договорено примопредавање.
Прв чекор на новиот претседател на ССМ, како што беше најавено, ќе биде свикување вонреден конгрес, како и доставување платформа до МТСП со која, како што најави, меѓудругото ќе се бара примена на колективните договори и на Законот за работни односи, што отсуствувало во изминатиот период.
Во приоритетите на новото раководство на ССМ е враќање на, како што рекоа, довербата на членството во Сојузот, воспоставување синдикални организации, нови колективни договори и примена на постојните, борба за повисоки испратнини при прогласување технолошки вишок. Ќе се залагаат и за воспоставување посебни судски одделенија за работни спорови со оглед дека имало случаи на нивно траење од три до осум години, а ќе се преземат активности и да се издејствува колективен договор во јавниот сектор. Најавуваат социјален дијалог и континуирана борба за почитување на работничките права и во јавниот и во приватниот сектор.
Според новото раководство на ССМ, со решението на МТСП од 4-ти овој месец со кое се огласи за ништовно решението на министерот Ибрахим Ибрахими се докажало дека постапката со кое во ноември лани е сменет Живко Митревски е статутарна и законска.
Како што рече Драги Јаневски, правник во ССМ, нелегитимно е раководењето на Митревски со ССМ од 2010 година, затоа што, наведе, на позицијата претседател на ССМ дошол со заклучок, а не со решение, а на Конгресот на кој се повикувал бил избран без потребниот кворум. Тој посочи дека ќе се покренат постапки за одоговорност на Митревски.
Истовремено Митревски денеска повторно ја оспори промената на раководството во ССМ и најави тужби за сите за кои, како што рече, според него се вклучиле во прекршувањето на законите и постапките во ССМ.