Со реплики и контрареплики меѓу пратениците на ВМРО-ДПМНЕ, Социјалистичката партија и ГРОМ, денеска продолжи собраниска расправа за разрешување на јавниот обвинител на Република Македонија Марко Зврлевски.

Опозициските пратеници го повторија ставот дека разрешувањето на Зврлевски е политички реваншизам и незаконски обид премиерот Зоран Заев да се спаси од обвинението во „Поткуп“. Ваквата расправа, оценија, намерно се форсира, за да се дефокусира јавноста од актуелните теми како задолжувањето, пожарите, бегалците,...

- Нема ниту една претставка за Зврлевски во изминатите години и сите извештаи за неговата работа се позитивни. Токму поради видниот напредок и успех на Јавното обвинителство (ЈО) откако со него раководи Зврлевски, паѓаат во вода сите паушални и политички мотивирани причини за негово разрешување, рече Иван Иванов од ВМРО-ДПМНЕ, дополнувајќи дека на власта не и се потребни реформи во судството, туку обвинител кој ќе ги ослободи од обвиненија сите нејзини функционери.

Иванов напомена и дека со постапката за разрешување, не се руши само кредибилитетот и интегритетот на Зврлевски, туку и на целата институција ЈО на РМ.

Според Благица Ласовска, разрешувањето нема никаква врска со законот и професионалното работење на Зврлевски, а според Драган Данев, граѓаните се политички едуцирани, не паѓаат на замки и на 15 октомври ќе го кажат своето мислење.

Не е исполнето ветувањето на Заев, се надоврза Крсто Мукоски, дека новиот јавен обвинител ќе биде од редовите на опозицијата. - Образложението за смена на Зврлевски не држи, јасна е тенденцијата. Се работи за лична освета и калемење невистини дека бил близок до власта на ВМРО-ДПМНЕ, рече Мукоски.

Емил Димитриев изрази жалење што владејачкото мнозинство не води, како што нагласи, вистинска, аргументирана дебата за разрешувањето на Зврлевски.

Зборуваа и Илија Димовски, Влатко Ѓорчев, Драган Цуклев, Васил Пишев, Весна Пемова, Павлинче Честојнова, Никола Мицевски, Зоран Илиоски, Крсто Јовановски, Димитар Стевананџија, Ане Лашкоска, Владанка Авировиќ, Панчо Минов, Весна Дамчевска - Илиевска,... Дискусијата не се задржа само на разрешувањето на Зврлевски, туку преминуваше и на други теми: работењето на власта, нејзините советници, разрешените директори и именуваните членови на управни одбори, пензиите, пожарите, бегалците, задолжувањето,.... Беа читани и стихови од „Тешкото“.

За СДСМ, чиј став беше искажан на претходните продолженија на седницата, меѓусебните реплики и контрареплики на ВМРО-ДПМНЕ се рашомонијада и бурлеска за пролонгирање на правдата. Разрешувањето на државниот јавен обвинител е законско и легално во целост зашто воопшто не значи негово отпуштање од работа или прекин на неговиот работен однос, смета СДСМ.



Автор: Администратор
Објавено на: 15/08/2017 16:12